Италија има нова ѕвезда, а Мбапе со само 20 години го стигна Зидан

Николо Ѕаниоло од Рома има потенцијал да биде новиот Франческо Тоти и тоа го докажа синоќа против Порто, кога со 19 години и 225 дена, стана најмладиот италијански фубалер кој постигнал два гола на еден натпревар од Лигата на шампионите.

Очигледно дека Рома во своите редови нова голема домашна ѕвезда во најава. Ѕаниоло во својот прв шут во рамките на голот, постигна погодок, и тоа го совлада легендарниот Икер Касилјас, кој е играч со најмногу настапи во ЛШ.

За Килијан Мбапе од Пари Сен Жермен веќе не се зборува како за младинец или млада ѕвезда која допрва треба да блесне, туку како веќе готов производ, од кого на секој меч се очекува многу. Мбапе синоќа против Манчестер јунајтед даде еден гол и сега има 14 во ЛШ, со што се изедначи со славниот сонародник Зинедин Зидан. Мбапе до бројката од 14 гола, дојде после 24 одиграни меча, а Зидан имаше 80 настапи.

Мбапе е и третиот играч по Луис Енрике и Един Џеко, кој постигнал гол на секое од своите први три гостувања на англиска територија. ПСЖ стана првиот француски клуб кој победил на „Олд Трафорд“, а испиша историја и со тоа што е првиот гостин што го победил Јунајтед на негов терен со два гола разлика.

Иако младите беа главни ѕвезди во победничките екипи, треба да се одбележи и податокот дека ветеранот на голот на ПСЖ, Џиџи Буфон, стана четвртиот човек (сите се голмани) во историјата кој настапил на еден меч од ЛШ после својот 41-ви роденден.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести