Италијанската Влада даде гаранции дека во Рим на Европското првенство може да има публика на трибините, секако со придржување кон протоколите предвидени во ерата на пандемија со корона-вирус.
Фудбалската федерација на Италија, ФИГЦ, информираше дека гаранциите се препратени до УЕФА, а Европската куќа на фудбалот како организатор на ЕП ќе ја има конечната одлука.
Рим ќе биде домаќин на три натпревари на кои ќе игра Италија и плус уште едно четвртфинале, закажано за 3 јули. Земјата која најмногу настрада со пандемијата сега е подготвена за вистински фудбалски натпревари со публика, што е поттик и за останатите земји и градови кои се коорганизатори на ЕП.
Македонија за првпат ќе учествува на големо натпреварување, а ќе игра два меча во Романија и еден во Холандија. Според најавите од Романија, на националната арена во Букурешт ќе има гледачи на трибините, по околу 12 илјади за секој меч, а во Букурешт ја почнуваме авантурата на првото ЕП за нас против Австрија на 13 јуни.
Четири дена подоцна, на истиот стадион ќе играме со Украинците, па следи преселба во Амстердам и меч со Холандија на „Јохан Кројф“ арената против Лалињата на 21 јуни.
И Холанѓаните најавија дека ќе се игра со присуство на публика, што е одлична најава и за симпатизерите на фудбалот во Македонија.