Италијанците ни нудат можност да ги победиме, кошаркарите мора да го фатат последниот воз

Само победа против Италија на мечот во рускиот град Перм од 13 часот, може да значи продолжување на надежите на македонската репрезентација дека ќе учествува на Европското првенство следната година. Македонија досега никогаш не ја победила Италија, ниту на официјален, ниту на пријателски меч, но денеска имаме прилика да се разбие малерот и да продолжиме да се надеваме дека сепак ќе се пласираме на континенталниот шампионат.

Место за оптимизам даваат неколку работи. Во италијанскиот тим ќе го нема центарот Теситори кој ни даде 18 поени на мечот пред три дена, а Македонија ќе биде комплетна, бидејќи повредата на Дамјан Стојановски не е сериозна и тој ќе биде на паркетот.

Аѕурите неочекувано беа поразени од Естонија и на Естонците им направија голема услуга, а на тимот на селекторот Александар Тодоров му направија голем проблем. Италија нема да ни попушти, но со неиграњето на Теситори ни дава шанса да ги совладаме, па утре против Естонија во директен дуел да одлучуваме кој ќе игра на Евробаскетот 2022.

За да остане Македонија со шанси, мора да ја победиме Италија, а Естонија да загуби од Русија. Ако еден од овие два услови не се исполни, македонскиот национален тим нема да биде учесник на ЕП следната година.

- Оглас -

Најнови вести