Ивановски загуби неколку минути пред Федерер, но за него утре е најважниот меч на Вимблдон

Калин Ивановски го загуби дуелот од првото коло во игра на двојки на Вимблдон, но за него најважно е утре да биде во вистинско светло против Литванецот Бутвилас во сингл меч од второто коло.

Во игра на двојки со Хрватот Полјичак, македонскиот јуниор загуби со 4:6, 4:6 од тандемот Ринкон и Шелбај.

Поразот дојде само неколку минути пред елиминацијата на големиот ас Роџер Федерер, кој загуби со 0:3 во четвртфиналето од Полјакот Хуркач.

Сепак, за 17-годишниот македонски тениски талент утре е поважниот настап во поединечна конкуренција. Ивановски ќе игра со Литванецот Бутвилас во меч од второто коло во јуниорска конкуренција на Вимблдон. Мечот засега е закажан за во 12 часот, или точно напладне, но можно е и да биде поместен.

Во првото коло, Калин го победи Американецот Дали Бланш со 7:5, 7:6. За него ова е прв настап на голем турнир, а има шанса да игра и во третото коло на еден од најценетите светски тениски турнири.

 

- Оглас -

Најнови вести