Израел ни се реваншира во дуелот на коорганизаторите на Европското првенство

Одбојкарската репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз во подготвителниот период за настапот на Европското првенство, откако денес во дуелот на коорганизаторите на континенталниот шампионат, Израел не совлада во Кавадарци со максимални 3-0.

За разлика од првиот меѓусебен натпревар на овие две репрезентации во четвртокот, кога Македонија направи голем пресврт после негатива од 0-2 и победи со 3-2, денес нашите одбојкари немаа сили за такво нешто.

Израел одлично го отвори натпреварот и го доби првиот сет со убедливи 25-15. Во вториот и третиот сет се играше поизедначено, а ние ги губевме сетовите во самиот финиш. За тоа говори и фактот дека Израел ги доби вториот и третиот сет минимално со 25-23 и 25-22.

Македонија во досегашниот тек од подготовките одигра четири контролни натпревари. Ги победивме Романија (3-1) и Израел (3-2), додека порази доживеавме од Јапонија (2-3) и Израел (0-3).

Нашите одбојкари во пресрет на Европското првенство во Скопје ќе одигра контролни дуели против Јапонија во вторник и среда, а во петок ќе започне и меморијалниот турнир “Бранко Хаџиињоски – Чајка“ на кој освен Македонија, ќе учествуваат Грција, Египет и Јапонија.

- Оглас -

Најнови вести