Ја направија најголемата сензација во годината, а поради верски причини одбиваат да играат во финале

Холандскиот аматерски клуб Спакенбург се пласира во полуфиналето на Купот откако со 4:1 го победи Утрехт и со тоа испиша историски успех. Делува неверојатно, но Спакенбург е во друштво на гигантите Ајакс, Феенорд и ПСВ Ајндховен, кои се останатите три клуба што се пласираа во полуфиналето.

Ова е само третпат во историјата на холандскиот Куп еден аматерски тим да се пласира во полуфинале. Претходно тоа им успеало само на Јелмервоглес во далечната 1975 и ВВСБ во 2016 година. Спакенбург има историска шанса да биде првиот аматерски клуб кој ќе се пласира во финалето, а доколку тоа се случи, ќе има голем проблем.

Спакенбург е клуб основан во 1931 година и се темели на ортодоксен идентитет. Поради тие причини, овој клуб никогаш своите мечеви не ги игра во недела. Доколку Спакенбург се пласира во финалето, ќе има проблем затоа што дуелот за златото е закажан на 30 април, во недела.

Од аматерскиот клуб потенцираа дека ако се пласираат во финалето, нема шанси да играат натпревар во недела, па затоа веќе се разгледува опцијата финалето да се игра еден ден порано, односно на 29 април, во сабота.

„Ако верувате во себе, со Божја помош, можете да остварите сѐ. Во овој клуб започнав да играм како петгодишно дете, а сега стигнавме до полуфиналето на шпанскиот куп. Преубаво е да се гледаат сите тие луѓе како се радуваат на нашиот успех. Одиме да го освоиме Купот“, вели тренерот на Спакенбург, Крис де Граф.

Интересно е дека ако стигнат до финалето, па дури и да не го освојат, аматерите ќе обезбедат место во Лигата на Европа. Сега останува да се види ждрепката да ги одреди паровите во полуфиналето, а секако дека сите три холандски гиганти за следен ривал го посакуваат аматерскиот тим.

- Оглас -

Најнови вести