Ја преслушавме Летонија, Македонија повторно е во битка за ЕП 2020

Македонија ги реши сите дилеми околу победникот во Рига против Летонија само за 17 минути, или во кус период од 180 секунди, а головите на Горан Пандев и на Енис Барди нè вратија и во битка за пласман на ЕП 2020 година.

Почнавме одлично на „Даугава арената“ во Рига и веќе во 14-тата минута поведовме со 1:0. Одличен триаголник одиграа Барди, Алиоски и стрелецот Горан Пандев, кој ја затресе мрежата на Ванис.

И уште не легнаа впечатоците од одличната акција, веќе водевме со 2:0. Повторно одлично одигравме во поле, Алиоски се обиде да центрира, топката се одби до Барди, а нашиот репрезентативец со силен удар по земја ни донесе предност од 2:0.

Потоа имавме уште неколку шанси, а особено зрела беше таа на Пандев во финишот на првиот дел, кога капитенот не погоди само од пет метри.

Во продолжението од мечот, Македонија одигра рутински и малку попретпазливо, па и покрај шансите, не постигнавме уште некој гол. И вака, со победа од 2:0 се враќаме во игра за првите две места со 8 бода, колку што има и Израел на делба на четвртата позиција. Пред нас се Полска со 13, Словенија со 11 и Австрија со 10 бода.

Вечерва во преостанатите два натпревари од нашата група Словенија го победи Израел со 3:2, а Полска и Австрија ремизираа без голови.

Следниот циклус мечеви е во октомври, а ќе играме на десетти во Скопје против Словенија и три дена подоцна на гости со Полска.

- Оглас -

Најнови вести