Ѕвездата на Шпанија и Барселона, Ламин Јамал, се осврна на темата за ксенофобичните скандирања за време на контролниот натпревар против Египет. Мечот се одигра на стадионот на Еспањол во Барселона и заврши без голови – 0:0.
Јамал не одигра на своето највисоко ниво и беше заменет уште на полувреме, а според шпанските медиуми, бил вознемирен поради скандирањата од трибините.
„Јас сум муслиман, фала му на Бога! Вчера на стадионот се слушаше скандирањето: ‘Кој не скока е муслиман’. Знам дека тоа беше насочено кон противничкиот тим и не беше лично кон мене, но како муслиман го доживувам како непочитување и нешто неприфатливо“, напиша Јамал на социјалните мрежи.
„Разбирам дека не сите навивачи се такви, но до оние што ги пеат овие работи: користењето на религијата како навреда ве прави неуки и расисти. Фудбалот треба да биде уживање и да обединува, а не да поттикнува непочитување кон луѓе со различна вера.
Им благодарам на сите што дојдоа да нè поддржат – ќе се видиме на Светското првенство“, додаде ѕвездата на Барселона.

