Јанг бојс против Ѕвезда ќе игра и за Џердан Шаќири

Неиграњето на Џердан Шаќири на дуелот Црвена ѕвезда – Ливерпул во минатата сезона во Белград е една од главните мотивации кај швајцарските медиуми за тимот на Јанг бојс пред вечерашното соочување со белградските „црвено-бели“.

Гордоста на швајцарскиот фудбал е разнишана, Јанг бојс игра за цела Швајцарија, најавуваат еуфоричните медиуми. Базел, Тун и Луцерн испаднаа во квалификациите што ги играа, па им останува надежта дека Јанг бојс може да влезе во групите од ЛШ, па ќе ги покрие слабите резултати на клубовите од земјата која е 11-та на ранг-листата на ФИФА.

Швајцарците потсетуваат и на СП во Русија, каде што ја победија Србија со гол во финишот на Шаќири, фудбалерот кој е роден на Косово. Шаќири тогаш при прославата на голот ги провоцираше српските навивачи со „летање на албанскиот орел“, па тоа доведе до негово отсуство од гостувањето на Ливерпул во Белград.

„Јанг бојс со победа над Ѕвезда би ја вратил гордоста на Шаќири, бидејќи поради Србите тој не можеше да патува во Белград“, се наведува во еден од текстовите.

- Оглас -

Најнови вести