Јанис во афект: Сонот стана јаве, ние сме еб*ни шампиони!

Помина точно половина век, од 1971 година Милвоки чекаше на титула во НБА-лигата, а Бакси ноќеска конечно стигнаа до кошаркарскиот кров по победата над Феникс во шестиот меч за конечни 4-2 во финалната серија.

Јанис Адетокумбо како прва ѕвезда на Елените издоминира со 50 поени, односно постигна половина од 105-те коша на домаќините, па на крајот заслужено ја собра и наградата за најкорисен играч во финалето.

„Искрено, кога почнав да тренирам кошарка не можев да си замислам дека ќе дојде моментот кога ќе седам со титулата на НБА и МВП-наградата. Поминав долг и тежок пат и низ секакви препреки за да стигнам до врвот. Во текот на кариерата сум бил резерва, имаше моменти кога воопшто не играв, а имаше ситуации кога морав да играм на различни позиции. Среќа што сум покрај луѓе кои имаат верба во мене. Милвоки веруваше во мене кога ме драфтуваше, ми помогна мене и на моето семејство да се чувствуваме како да сме дома. Тренерите ме туркаа напред, Буденхолзер беше до мене кога ми беше најтешко и се погрижи да не ја загубам вербата. Ова е победа за сите кои сонуваат, без разлика дали доаѓаат од Европа или Африка, секој кој има голем сон може да успее“, истакна Јанис, а потоа се надоврза на походот до титулата, кој Милвоки го помина преку Бостон, дрим-тимот на Бруклин, па Атланта и на крајот Феникс.

„Само на овој начин се стиигнува до врвот, само преку потешкиот пат. За мене е лесно да одам во веќе изграден тим за титула, да ја одиграм мојата улога и да освојам титула. Но, ние се одлучивме да одиме чекор по чекор, сами да изградиме конкурентен тим и успеавме во тоа. Еб*но успеавме!“, додаде Адетокумбо.

- Оглас -

Најнови вести