Јасен знак пред стадионот „Ренцо Барбера“: По Палермо, одиме во Порто!

Горан Кипријановски, еден од најверните навивачи на македонскиот спорт, секако е и во Палермо. Популарниот Кипре е непоправлив оптимист и верува во победа на Македонија вечерва против актуелниот европски првак Италија.

Освен оптимизмот кој владее кај речиси сите наши фанови кои се во Палермо, Кипре пронајде и јасен знак која ќе биде следната дестинација на која ќе треба да се бодри македонската репрезентација. Тоа е Порто!

Знакот кој покажува на која страна треба да се тргне за да се стигне по воден пат до Порто е токму пред стадионот „Ренцо Барбера“, каде што вечерва Македонија игра против Италија во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Доколку Македонија ја победи Италија, следна дестинација најверојатно ќе биде токму Порто, затоа што подобриот од дуелот во Палермо ќе игра со победникот од мечот Португаија и Турција, кој се игра на „Драгао“ во Порто.

Ако Македонија направи чудо и ја победи Италија, а Португалија на домашен терен ја оправда фаворитската улога и ги елиминира Турците, тогаш за пласман на планетарниот собир ќе играат токму Македонија и Португалија и тоа во Порто.

 

- Оглас -

Најнови вести