Јокиќ одигра досега невиден натпревар и го врати водството на Денвер во големото финале (Видео)

Кошаркарите на Денвер нагетс го вратија водството во финалната серија во НБА-лигата откако во третиот меч, кој се играше во Мајами, славеа со 109:94.

Никола Јокиќ повторно беше фантастичен, оствари нов трипл-дабл од 32 поени, 21 скок и 10 асистенции и стана првиот кошаркар во историјата на финалните мечеви во НБА кој имал учинок од најмалку 30 поени, 20 скокови и 10 асистенции.

Овојпат Јокиќ имаше уште еден расположен соиграч, Џамал Мареј, кој исто така оствари трипл-дабл од 34 поени и по 10 скокови и асистенции.

Јокиќ и Мареј станаа првите соиграчи кои оствариле трипл-дабл во натпревар од финалната серија, и тоа најмалку со 30 постигнати поени.

Кај Мајами, најрасположени за игра беа Џими Батлер со 28 поени и Бам Адебајо со 22 поени и 17 скока.

Мајами на полувремето имаше негатива од пет поени, а на стартот од последната четвртина имаше и 14 поени негатива, но не успеа да се врати во игра како што направи во вториот натпревар од финалната серија.

Четвртиот меч повторно ќе се игра во Мајами, и тоа ноќта помеѓу петок и сабота.

- Оглас -

Најнови вести