Јокиќ со нов трипл-дабл, ги надигра Ембид и Марјановиќ заедно, но Денвер загуби

Никола Јокиќ биеше интересна битка против еден од најдобрите центри во НБА лигата Џоел Ембид и со својот сонародник Бобан Марјановиќ, имаше подобар ефект од двајцата заедно, но неговиот Денвер загуби од Филаделфија со 110:117.

Јокиќ за првпат годинава ќе игра на Ол-стар мечот во НБА лигата, а и ноќеска со одлична партија баскет покажа дека е заслужено меѓу ѕвездите што ќе играат во Шарлот на 17. февруари. Забележа нов трипл-дабл со 27 поени и по 10 скокови и асистенции, додека неговите ривали на теренот и под кошевите, Ембид и Марјановиќ заедно постигнаа 19 поени.

Сепак Филаделфија го имаше расположениот Џеј-Џеј Редик, кој постигна 34 поени и беше главниот актер во триумфот на 76-те.

По долга пауза ноќеска на паркетот се вратија крилниот центар на Кливленд Кевин Лав и бекот на Бруклин Карис Леверт,  а кам-бекот им беше со пораз.

Лав пропушти цели 50 натпревари во НБА лигата, но ноќеска одигра нешто повеќе од шест минути во поразот на Кавалирс од Вашингтон со 106:119.

Леверт настапи за Бруклин за првпат по 13. ноември лани, постигна 11 поени за околу 16 минути игра, а неговиот тим беше поразен од Чикаго со 106:125.

Резултати: Детроит – Њујорк 120:103, Филаделфија – Денвер 117:110, Вашингтон – Кливленд 119:106, Бруклин – Чикаго 125:106, Далас – Милвоки 107:122, Феникс – Голден стејт 107:117, Њу Орлеанс – Минесота 122:117, Сакраменто – Мајами 102:96.

 

- Оглас -

Најнови вести