Иднината на Јошко Гвардиол во Манчестер сити повторно е актуелна тема, откако шпанскиот „АС“ објави дека хрватскиот репрезентативец бил понуден на Реал Мадрид.
Веста предизвикала изненадување во Валдебебас, особено затоа што засега нема официјални преговори или конкретни чекори околу евентуален трансфер. Сепак, според шпанските медиуми, агентите на Гвардиол веќе ја испитуваат ситуацијата на пазарот и бараат можни опции за неговата иднина, а Реал Мадрид е една од најпривлечните дестинации за дефанзивецот на Манчестер сити.
Кралскиот клуб подготвува сериозна реконструкција на тимот по турбулентната сезона, а засилување на одбраната е еден од главните приоритети. Интересот за Гвардиол не е нов, Реал го следеше уште во деновите кога настапуваше за Динамо Загреб, а внимателно го набљудувал и за време на неговиот престој во Лајпциг.
Сепак, Манчестер сити во 2023 година издвои околу 90 милиони евра за неговиот потпис и практично ги оттурна сите заинтересирани клубови.
Хрватскиот стопер зад себе има тешка сезона, обележана со сериозна повреда на тибијата. Тој беше опериран во јануари и сè уште не се вратил на терените, а постојат и сомнежи дека би можел да го пропушти Светското првенство.
Освен Гвардиол, на Реал Мадрид наводно му бил понуден и Бернардо Силва. Португалецот сака нов предизвик по долгите години во Манчестер сити, а можноста за трансфер во Барселона веќе не е реална опција.
Шпанските медиуми додаваат дека евентуалното доаѓање на Жозе Мурињо на клупата на Реал би можело целосно да ја промени трансферната стратегија на клубот ова лето.
Во меѓувреме, дополнителна неизвесност создава и иднината на Пеп Гвардиола. Во Англија сè погласни се шпекулациите дека следната сезона би можела да биде неговата последна на „Етихад“, па дел од фудбалерите веќе размислуваат за нови средини.

