Јовиќ е наследникот на Валтер, во E. Пелистер се враќа и Шундовски

Управата на Еурофарм Пелистер одлучи нов тренер да биде досегашниот стратег на вториот тим на битолчани, Александар Јовиќ.

Јовиќ доаѓа на местото на Ларс Валтер кој пред неколку дена се раздели во битолчани и тоа откако не успеа да ја помине групата во Лигата на Европа.

Јовиќ не е единственото ново име во стручниот штаб на Е. Пелистер, за нов стручен-тим менаџер е назначен поранешниот селектор на Македонија, Звонко Шундовски, кој од 2003 до 2007 година седеше на клупата на битолчани.

„Со огромно задоволство ја информираме ракометната јавност, дека нов тренер на РК Еурофарм Пелистер е господин Александар Јовиќ. Исто така информираме дека за нов стручен тим-менаџер е назначен господинот Звонко Шундовски.

Управата на РК Еурофарм Пелистер смета дека ова е најдоброто можно решение за постигнувањето на главната цел оваа сезона. Упатуваме голема благодарност до Јовиќ и до Шундовски кои во овие сензитивни и значајни моменти го прифатија големиот предизвик. Клубот наскоро ќе го објави составот на стручниот штаб и реогранизацијата до крајот на сезоната“, соопшти Е. Пелистер.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести