Македонскиот ракометен првак, Еурофарм Пелистер, утревечер гостува кај Алборг во Данска во второто коло од Лигата на шампионите, а шансите за победа на битолчани се речиси никакви со оглед на силата на противникот.
„Втор натпревар по ред играме против скандинавски ривал. Не треба да се трошат зборови за Алборг. Оваа екипа неодамна играше и финале на Лигата на шампионите, а сега се засилени со ракометари како Ландин и повратникот Хансен. Верувам дека ќе се издигнеме, ќе одиграме во рамките на нашите можности и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет“ – рече тренерот Александар Јовиќ.
Во редовите на Е. Пелистер кој тргна со пораз од Колстад, а загуби и од Вардар 1961 во домашното првенство, има двајца Данци кои добро го познаат Алборг.
Андреас Јохан Нилсен има играно со многу ракометари од Алборг, а со некои бил и противник.
„Сите знаеме колку се силни и тоа го покажаа на натпреварот против Кјелце. Загубија во Суперкупот на Данска од ГОГ Гудме, но тоа и не е толку важно натпреварување во Данска. Многу поважно е како реагираа потоа и наредија само победи во данското првенство и Лигата на шампионите“ – вели Нилсен.