Јунакот на Баерн не ги заборави мачните 136 минути што му помогнаа да стане страшен играч

Серж Гнабри не заборави да ги спомене мачните 136 минути што ги играше како позајмен играч за Вест Бромвич албион во сезоната 2015/16, по вчерашната блескава партија во дресот на Баерн во полуфиналето со Лион.

Баварците победија со 3:0, два гола даде Гнабри и уште повеќе ги засрами Топчиите од Лондон, кои не веруваа во неговите квалитети, па за четиригодишен престој му дадоа шанса да игра само на 10 меча. И потоа, кога Гнабри имаше мака со повредата на коленото, најпрво го испратија во ВБА, па го отпишаа продавајќи му го на Вердер Бремен.

„Играв само 136 минути за време на шестмесечната позајмица во ВБА. Тоа време си останува со мене засекогаш и ме направи посилен. Горд сум што напредував и не потклекнав пред искушенијата. Се надевам дека од Лисабон ќе се вратиме со шампионскиот трофеј“, изјави Гнабри по триумфот на Баерн од 3:0 против Лион.

Одличниот офанзивец даде гол и против Барселона во блескавиот триумф од 8:2 во четвртфиналето, имаше и една асистенција и се претвори во клучниот човек на успешниот пат на Баерн до финалето.

Интересно е што и Баварците за старт на авантурата со Гнабри, откако за 8 милиони евра го купија од Вердер во 2017 година, веднаш го испратија на позајмица во Хофенхајм. Дури играше и еден меч во Регионалната лига на Германија за вториот тим на Хофенхајм, но Баерн не ја направи истата грешка како Арсенал.

Го вратија Гнабри во своите редови во јули 2018 година и тоа им се исплатеше, а 22-ката во тимот две сезони по ред е со 10+ гола во Бундеслигата. Патем ги даде и клучните голови во Лигата на шампионите и против Барселона и вчера за триумф против Лион.

Баерн ќе го игра 11-тото финале во Лигата на шампионите против дебитантот ПСЖ на 23 август од 21 часот на „Луж“ во Лисабон и го очекува шесттиот пехар, што би бил прв европски во кариерата за 25-годишниот Серж Гнабри.

 

- Оглас -

Најнови вести