Јувентус ќе има мака да го доведе Суарес дури и да е слободен играч

Иван Ракитиќ беше првиот играч на Барселона кој летово си замина, а се очекува во следниот период тоа да го направат уште неколку ѕвезди од првиот тим. Артуро Видал е на пат кон Интер, Лионел Меси се подготвува за заминување во Манчестер сити, а Луис Суарес го местат за во Јувентус.

Според италијанските медиуми, Суарес би пристигнал во гигантот од Торино без никакво обештетување, иако има договор со Барселона на уште една сезона. Каталонскиот гигант е подготвен да се откаже од Суарес за да може клубот да заштеди на високата плата која му ја дава на Уругваецот.

Суарес во Барселона заработува 15 милиони евра по сезона, а Уругваецот најавил дека ако во Јувентус дојде како слободен играч, ќе бара од челниците на Старата дама да му ја даваат истата плата како во каталонскиот гигант.

Голгетерот во Барселона пристигна до 2014 година, кога плати повеќе од 80 милиони евра за трансфер од Ливерпул. За периодот поминат на „Камп ноу“ одигра 283 меча, во кои даде 198 погодоци, а имаше и 109 асистенции. Со Барселона ги освои сите најзначајни трофеи, а во сезоната 2015/16 бешенајдобар стрелец во лигата со 40 погодоци.

Јувентус е во потрага на напаѓач кој треба да дојде на местото на Гонзало Игуаин, кој реши да си замине од Јувентус и најверојатно ќе игра во клубот на некогашната фудбалска ѕвезда во МЛС-шампионатот во САД.

- Оглас -

Најнови вести