Кагава се уште има кошмари од бомбашкиот напад: Се плашам да влезам во автобус

Шинџи Кагава на деветти август потпиша договор со шпанскиот второлигаш Сарагоса, а се уште не може да ја заборави априлската ноќ во Дортмунд од пред повеќе од две години, кога автобусот на Борусија беше нападнат со бомби.

На пат кон „Сигнал Идуна Парк“, или „Вестфален“ како што е попознат легендарниот стадион на Борусија, на 11. април 2017 година целата фудбалска експедиција на „милионерите“ доживеа вистински хорор и за среќа го преживеа нападот со три детонирани бомби под автобусот.

Марк Бартра беше повреден и беше опериран, но успеа без сериозни последици, барем не физички да се врати на фудбалските терени. За среќа немаше жртви, но сеќавањата не се избледени.

„Не, јас се уште имам по некоја кошмарна ноќ од време на време. Ми се враќаат сликите од нападот, а оттогаш многу се плашам кога треба да патувам со автобус“, вели Кагава.

Јапонскиот репрезентативец ќе треба често да патува со автобус со соиграчите од новиот клуб Сарагоса, а вели дека ќе се обиде да ги потисне и надмине стравовите, што се последица од нападот во Дортмунд.

„Се надевам дека се ќе биде в ред и дека ќе помогнам Сарагоса да ги оствари амбициите. Се радувам на новиот предизвик во мојата кариера“, вели Јапонецот.

Шинџи веќе дебитираше за Сарагоса на „Ла Ромареда“, домот на некогашниот шпански прволигаш, а денеска ќе мора да патува околу 600 километри со автобус до Понферада, за утрешниот меч од второто коло против Понферадина.

 

- Оглас -

Најнови вести