КАКО ДА ИМ Е ТРЕНИНГ, А НЕ ЕЛ КЛАСИКО: Барселона има 10 победи на последните 17 гостувања кај Реал

Барселона синоќа убедливо со 3-0 го победи Реал Мадрид и го елимнираше од полуфиналето во Купот на Шпанија. Каталонците по рекорден шести пат во низа ќе играат во финалето на Купот, а Реал со нова фрустрација ќе го чека саботниот меч, новото Ел Класико во Мадрид, но овојпат во Примера дивисион.

Во последнава деценија, односно од мај 2009 година, Барселона вкупно 17 пати гостувала на „Сантијаго Бернабеу“, а дури десетпати се враќала како победник во Ел Класико. Сè започна кога Барселона под водство на Пеп Гвардиола, со Меси, Чави, Анри, Ето, Пике… го раздрмаа Реал и победија во Мадрид со 6-2. По тој убедлив триумф до денеска Барселона се радуваше уште девет пати, три меча ги одигра нерешено, а загуби само четирипати од Реал.

Синоќешната победа од 3-0 е најголема за Барселона на гости кај Реал во меч од Купот во последните 90 години. Поубедливо имаат победено само во 1926 година, кога во четврт-финалето гостите од каталонската престолнина победија со 5-1. Со овој триумф, Барселона во Купот има 11 победи, а Реал остана на 10.

Неверојатно делува фактот дека Барселона на гости кај Реал до 2003 година во 74 меча имала само 13 победи, а од 2004 година досега во 22 средби на „Сантијаго Бернабеу“ победила 12 пати.

Сега Барселона се израмни со Реал и по вкупниот број на победи во официјални средби. Двата гиганти имаат по 95 успеси, а 51 средба завршила нерешено. Последен пат двата клуба беа израмнети по бројот на победи во официјални средби на 23-ти август 2012 година.

Ново Ел Класико ќе има за два дена, и тоа повторно на „Сантијаго Бернабеу“. Реал овојпат е домаќин во меч од првенството. Ќе биде интересно да видиме дали мадриѓаните ќе се закрепнат од синоќешниот шок или Барселона ќе продолжи со доминацијата во Мадрид.

Цели 87 години Барселона не била пред Реал Мадрид по бројот на победи во официјални средби. Тоа е дополнителен мотив за Лионел Меси и дружината, но и фактот дека ако освојат три бода во првенствениот дуел, речиси ќе биде завршена и трката за титулата во Примера дивисион.

 

- Оглас -

Најнови вести