Како ѕвездата на Ливерпул со измама стигна до ова ниво?

Роберто Фирмино е дел од еден од најсилните напади во светот, тој на Ливерпул. Заедно со Мохамед Салах и Садио Мане се страв и трепет за секоја одбрана. Бразилецот од 2015 година е на „Енфилд роуд“, кога направи трансфер од германскиот Хофенхајм.

Како и многумина играчи од Бразил, така и на Фирмино сон му било да дојде во Европа и да го покаже квалитетот. Како 20-годишник играл во бразилскиот второлигаш Фигејренсе, кога и успеал да направи трансфер во Хофенхајм. Тоа е и пресвртница во неговата кариера.

Сепак, за да стигне во Хофенхајм, Фирмино и неговиот агент морале да се послужат со една измама. Тоа го откриваат и челниците на германскиот бундеслигаш.

„Се сеќавам дека неговиот агент ни прати видеоснимка со најдобрите потези на Фирмино. Го гледавме и останавме без зборови. Бевме воодушевени колку брзо се движи на теренот и верувавме дека има ракета во ногата. Сепак, сето тоа беше лага и измама. Кога го донесовме, на тренинг видовме дека не е баш така. Не беше ни толку брз, а ни шутот не му беше толку силен“, се присетува некогашниот спортски директор на Хофенхајм, Ернст Танер.

Челниците на германскиот тим се чуделе што е работата што играчот не е со истите перформанси како на видеоснимката, но подоцна се им се разјаснило.

„Доцна се сетивме да го прашаме нашиот монтажер за видеото. Тоа што го слушнавме, беше шокантно. Откако го прегледа видеото, забележа дека се работи за забрзана снимка и дека не ја покажува вистинската слика. И покрај таа измама, решивме да го задржиме Фирмино. За среќа, со неговото однесување и работа, покажа дека никогаш не сака да се откаже. Тоа и му донесе успех, а измамата со видеото брзо беше заборавена“, се присетува Танер.

Бразилецот одигра 140 меча за Хофенхајм и даде 38 гола, а потоа направи трансфер во Ливерпул. Дека навистина вреди, потврдува и фактот дека од 2015 година е на „Енфилд роуд“ и челниците на англискиот гигант немаат намера да го продадат.

- Оглас -

Најнови вести