Се си има крај – Завршуваат две епски фудбалски приказни за лојалност кон еден клуб

Серж Пелисие најави дека ќе ја заврши играчката кариера по завршувањето на оваа сезона и со тоа завршува најдолгата авантура на играч во Европа во еден клуб.

Ветеранот веќе има 40 години и ќе се пензионира, а тој е фудбалерот што има најдолг стаж во ист клуб, откако цели 18 години и 10 месеци е член на Киево.

Потекнува од фудбалската школа на Торино, оттаму се пресели во Варезе како позајмен играч, потоа замина во Киево, па на куса печалба во СПАЛ и се врати во Киево.

Неверојатната авантура во Киево ја почна од летото 2002 година и сè уште игра во континуитет за истиот клуб, веќе 18-та сезона. Тоа е моментно најдолг стаж на играч во Европа во ист клуб.

Даниеле де Роси знае само за еден професионален клуб, а тоа е Рома. Но и таа приказна е при крај бидејќи 35-годишниот репрезентативец на Италија ќе си замине од редовите на „римската волчица“ по цели 16 години и 10 месеци. Веќе се прости со соиграчите, а можно е да замине во Интер, по 458 натпревари одиграни во Калчото во ист дрес и за ист клуб, Рома.

Трет на листата лојални е Волкан Демирел, клупскиот колега на Елиф Елмас. Познатиот голман и поранешен репрезентативец на Турција има 37 години, а речиси 17 ги мина во Фенербахче.

На топ 10 листата најпознато име и презиме е тоа на Лионел Меси. Почна со фудбал во родната Аргентина, во фудбалската школа на Њуелс олд бојс, а потоа замина за Каталонија. Ја мина познатата Академија на Барса „Ла Масија“, а во континуитет е член на првиот состав на европскиот и шпански гигант од 2004 година, односно 15 години и 4 месеци.

Тој има шанса да го стигне и да го престигне Пелисие бидејќи има 31 година и актуелен договор со Барса до 2021 година, а како што стојат работите, веројатно и потоа ќе игра за Каталонците.

- Оглас -

Најнови вести