Каква трансфер бомба: Четирикратен НБА Ол-стар играч доаѓа во Евролигата

Екипата на Емпорио Армани Милано сезонава има многу проблеми со повредени играчи, па како данок на таа некомплетност на тимот, се наоѓа на претпоследното место на табелата во Евролигата. Овој пласман е разочарувачки, ако се знае дека пред почетокот на сезоната, тимот од Милано беше еден од фаворитите за ново учество на Фајнл-фор турнирот.

Кевин Пангос поради повреда ќе го нема уште неколку месеци, па тренерот еторе Месина е во потрага по квалитетна замена. Според пишувањата во „Газета дело спорт“, Емпорио Армани го договорил потписот на некогашната НБА ѕвезда, Кемба Вокер. Потребно е само Американецот да ги помине лекарските за трансферот да биде официјализиран.

Искусниот 32-годишен бек имаше проблеми со повреда на коленото и токму поради тоа заврши неговата 12-годишна НБА кариера. Вокер во Бостон заработуваше и по 35 милиони долари во сезона, а четири пати беше дел од НБА ол-стар натпреварите и тоа во периодот од 2017 до 2020 година. Во кариерата, освен за Бостон, има играно и во екипите на Шарлот, Њујорк и Далас.

- Оглас -

Најнови вести