Какви игри играат Ванда и Икарди?

Мауро Икарди на „Инстаграм“ објави фотографија на која познатиот Дуомо, кој е симбол на Милано, е обоен во сина и црна боја прославувајќи ја победата во градското дерби против Милан, но тоа не значи дека аргентинскиот напаѓач повторно ќе почне да тренира и да игра за Интер.

Откако клубот среде сезона одлучи да му ја одземе капитенската лента, Икарди се налути и одбива да игра со оправдување дека е повреден, иако на лекарските прегледи се утврди дека нема повреда.

Засега од клубот нема санкција за непочитување на правилата, а истовремено неговата сопруга и менаџер, Ванда Нара, преговара со Интер за нов договор. Но таа флертува и со други заинтересирани клубови, па името на Икарди се спомнува како можен иден член на Реал Мадрид, Јувентус или Наполи.

Додека се шпекулира дека ќе си замине од клубот за кого не сака да тренира, Икарди искажува љубов кон Интер.

„Милано е само црно-сино“, порача Аргентинецот, а лајкови има од соиграчи и од официјалниот профил на Интер.

Дали ова значи смирување на тензиите или само нов потег во играта на нерви, ќе покаже времето.

- Оглас -

Најнови вести