Калкулации: Интер уште има шанси да оди во нокаут-фазата од ЛШ, а Реал да испадне!

Денеска и утре ќе се играат мечевите од петтото коло во Лигата на шампионите, коло кое може да одлучи многу работи околу патниците во нокаут-фазата. Баерн Минхен, Манчестер сити, Челзи, Севилја, Барселона и Јувентус веќе си обезбедија пролетни мечеви во елитното натпреварување. Според ситуациите во сите групи, до крајот може да се води борба за некои позиции кои водат во Топ 16 фазата.

Во групата Б вечерва може да се дознаат двајцата патници во нокаут-системот, но и максимално да се искомплицира ситуацијата пред последното коло. Борусија Менхенгладбах е лидер со 8 бодови, а Реал е втор со 7, Шахтар со 4, но и Интер, иако има само два бода, сепак е со свои калкулации како да остане во елитното друштво.

Реал Мадрид вечерва гостува во Киев кај Шахтар и со евентуална победа ќе биде сигурен патник понатаму. Тоа важи и за Борусија, која со три бода на свој терен против Интер ќе ја заврши приказната. Сепак, ако успеат Шахтар и Интер да ги освојат трите бода, ситуацијата станува конфузна.

Интер со победа во Менхенгладбах ќе дојде на пет бода и подобар меѓусебен дуел со германскиот тим, па во последното коло, ако дома го победи Шахтар, а Борусија загуби на гостувањето кај Реал Мадрид, Нераѕурите ќе стигнат и до второто место во групата.

Реал ако по вторпат загуби од Шахтар, ќе дојде во ситуација во последното коло на свој терен да не смее да биде поразен од Борусија Менхенгладбах затоа што Кралскиот клуб во сценарио со два порази до крајот ќе испадне. Сепак, тоа е речиси невозможно да се случи.

Интересно ќе биде и во групата Д, каде што Ливерпул, Ајакс и Аталанта се со свои калкулации. Англискиот првак со триумф вечерва на „Енфилд роуд“ против Ајакс ќе ги реши сите свои дилеми. Аталанта треба лесно да ги освои трите бода против Митјиланд, па во последното коло во директен дуел со Ајакс да решаваат за патникот во осминафиналето.

Во групата А, каде што Баерн е суверен, Атлетико Мадрид, Локомотив Москва и Салцбург се во трка за второто место. Ако Атлетико го победи Баерн, а Локомотив не слави против Салцбург и оваа група ќе биде „решена“.

На Порто му е доволно само еден бод во последните две кола за да може мирно да му се приклучи на Манчестер сити како патник од групата Ц.

 

- Оглас -

Најнови вести