Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година утре од 14 часот на арената „Тодор Проески“ ќе игра против Шведска во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе биде следната година.
По пет одиграни меча, Македонија има шест бода и е на петтото место во групата, додека Шведска со седум бода од пет дуели е на третата позиција. Македонија лани славеше на гости кај Шведска со 1:0, но факт е дека гостите сега се фаворити за победа.
Сепак, селекторот Драган Канатларовски најавува дека нашите надежи нема да се предадат и ќе се борат да стигнат до позитивен резултат.
„По дуелот против Гибралтар, увидовме дека мора да ја подобриме реализацијата и да бидеме поконцентрирани во завршницата. Сега ни следува многу тежок ривал. Доаѓа Шведска, желна за одмазда бидејќи на првиот меч ја победивме со 1:0. Сепак, и ние треба да се прашаме, играме на домашен терен, атмосферата е добра. Подготвени сме да го дадеме максимумот и позитивен резултат би бил еден поттик за последните четири меча кои ќе следуваат до крајот од квалификациите“, рече Канатларовски.