Кардиф не сака да ги плати милионите за исчезнатиот Сала

Емилијано Сала стана најскапиот играч во историјата на Кардиф откако премиерлигашот се согласи да плати 17 милиони евра за трансфер на играчот на Нант. Договорот беше постигнат, ФИФА го одобри трансферот и Сала пристигна во Кардиф. Сепак, Аргентинецот се врати во Нант за да се збогува со своите соиграчи од францускиот тим, а на пат кон Кардиф авионот во којшто леташе едноставно исчезна.

И по една недела, нема никакви официјални информации за тоа што се случило со Сала и со авионот. Во Кардиф беа среќни дека ќе добијат квалитетен напаѓач, но Сала не успеа да одработи ниту еден тренинг. Иако договорот беше постигнат, а Кардиф веќе треба да ја исплати првата од трите рати на договорот, засега нема стигнато пари на сметката на Нант.

Според пишувањата во англиските медиуми, челниците на Кардиф не сакаат да платат пари за играчот кој никогаш не го ни добија, и тоа како што самите потенцираат, не по нивна вина. Правилата на ФИФА се јасни дека парите од договорот треба да се испалатат, но Кардиф бара начин како да го избегне плаќањето.

Дури и да ги плати парите, Кардиф ќе биде целосно обештетен од страна на осигурителните компании, но за тоа ќе треба да поминат неколку месеци.

- Оглас -

Најнови вести