
Во пресрет на утрешниот пријателски натпревар меѓу селекциите на Турција и Македонија, предводникот на домашниот тим, Винченцо Монтела, попладнево одржа официјална прес-конференција.
Италијанскиот стратег со голем респект зборуваше за нашиот национален тим предводен од Гоце Седлоски, кој утре од 18:30 часот на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул ќе брка позитивен резултат.
За репрезентацијата на Турција овој дуел ќе биде главна „генералка“ пред претстојниот настап на Светското првенство 2026 година.
„Светското првенство е величествен настан, а секоја земја со себе носи различна фудбалска култура. Ја избравме Македонија за противник бидејќи нивниот стил на игра наликува на оној на Австралија. За нас ова воопшто не е неважен меч, бидејќи во фудбалот не постојат пријателски средби — секој резултат е важен. Против Македонија ќе истрча изменет состав, но суштината и нашиот препознатлив стил на игра мора да останат исти“, истакна Монтела.

