Карлос Алкарас го освои Индијан Велс и сериозно му се доближи на Новак Ѓоковиќ

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас го освои Мастерс турнирот во Индијан Велс откако во финалето го совлада Русинот Данил Медведев со 2-0. Двата сета беа комплетно различни, а она што беше заедничко е тоа што Шпанецот ги освои и двата.

Русинот одлично го отвори натпреварот и со брејк во вториот гејм дојде до убедливи 3-0. Сепак, Алкарас не се откажа, па го врати брејкот во петтиот гејм, кога намали на 3-2, а потоа и израмни на 3-3. До крајот на сетот и двајцата освојуваа поени на свој сервис, па Шпанецот до водство од 1-0 во сетови дојде во тајбрејкот, кој го доби со 7-5.

Во вториот сет комплетно различна слика. Комплетна доминација на Шпанецот, кој го доби сетот со 6-1 откако направи два брејка, во вториот и во шестиот гејм, додека Медведев успеа да го одбрани својот сервис само во четвртиот гејм.

Со освојувањето на Индијан Велс, Алкарас успеа да го намали водството на Новак Ѓоковиќ и разликата да ја спушти на под 1.000 поени, односно водството на Србинот сега е 920 поени.

- Оглас -

Најнови вести