Кармело Ентони ќе биде резерва во Хјустон и ќе испушти рекорд

Кармело Ентони не ја исклучува можноста во Хјустон рокетс да биде резервен. Крилото кое има 34 години, беше стартер во сите 1.054 меча во НБА-лигата, што е втора најдолга низа во историјата зад онаа на Патрик Јуинг, кој има 1.118 дуели во кои бил во првата петорка.

Но, сега Ентони не размислува на личниот рекорд, туку на шампионскиот прстен, и ако во интерес на тимот на тренерот Мајк Дантони е Кармело да биде резерва, тогаш 10-кратниот олстар ќе ја прифати новата улога.

„Сите ја посакуваме титулата, тоа е целта за којашто играме во оваа лига. Мое е да му помогнам на тимот да ја оствари целта. Не ми е важно дали ќе бидам стартер или ќе влегувам од клупата. Ќе сторам сè што е потребно за да освоиме шампионски прстен“, вели Ентони, кој во експлозивниот офанзивен систем на „ракетите“ ќе игра како крилен центар.

Пред една година, Ентони не сакаше ниту да слушне да биде резерва во тимот на Оклахома Сити тандер, но сега е подготвен да се жртвува за тренерот за кој играше две сезони во Њујорк никс.

- Оглас -

Најнови вести