Катар можеби нема да игра во финалето на Азискиот куп?!

Понижувачкиот пораз од 0-4 во полуфиналето против Катар тешко им падна на сите во Обединетите Арапски Емирати, па Фудбалската федерација на земјата-домаќин на Азискиот куп побара Катар да биде исфрлен од натпреварување во кое утре од 15 часот треба да игра финале со Јапонија.

Од ОАЕ покренаа постапка за да се утврди дали двајца катарски фудбалери имаат право да играат за таа земја на ова натпреварување. Спорни се Алмоез Али, напаѓач кој е роден во Судан, но од дете живее во Катар, и дефанзивецот Басам ал Рави, кој е со потекло од Ирак. Али со 8 гола е прв стрелец на Азискиот куп и ова не е прво натпреварување на кое тие двајца играат за Катар и никој досега не се бунел.

Фудбалските власти во Катар излегоа во одбрана на своите репрезентативци и соопштија дека двајцата спомнати играчи имаат роднини во Катар и имаат право да играат за таа земја, што не е баш убедливо оправдување.

До почетокот на финалето има помалку од 20 часа и домаќините мора брзо да ги докажат своите тврдења со кои сакаат да го исфрлат финалистот или барем да го разнишаат соседот со кого имаат и политички несогласувања пред големото финале.

Од ФИФА рекоа дека одлуката е во рацете на Азиската фудбалска конфедерација.

 

- Оглас -

Најнови вести