Катастрофален плејоф за фаворитите – Џетс приземјени од Сент Луис

Уште еден фаворит за титулата во НХЛ лигата е во аут, веднаш на стартот од плејофот, а елиминиран е Винипег џетс од Сент Луис. Популарните Блус славеа со 3:2 во шестиот меч, најмногу благодарение на расположениот Џејден Шварц и со 4:2 во победи се пласираа во втората рунда.

Шварц го постигна првиот хет-трик во 55. настап за него во плејоф, а погоди по еднаш во сите три периоди. Тој е само третиот хокеар во историјата на Сент Луис што успеал во победничка серија на старт од плејоф да постигне вкупно 4 погодоци.

Гостите од Канада беа фаворити за пласман во второто коло, дури пред стартот на сезоната беа рангирани како сериозни кандидати за титулата, но им се случи судбината на Тампа Беј, Питсбург и Калгари, кои исто така испаднаа, иако беа големи фаворити по одличниот регуларен дел од сезоната.

И шампионот Вашингтон се уште не е сигурен за пласман во следната рунда, но ноќеска успеа да поведе со 3:2 против Каролина и тоа со убедлив триумф од 6:0.

Никлас Бекстром со 2 гола и две асистенции и Алекс Овечкин со еден погодок и две успешни додавања беа најдобри во апсолутната доминација на шампионот и високата победа со шест голови разлика.

Со 3:2 води и Далас старс против Нешвил предаторс по триумфот на гостински терен од 5:3. Радулов беше прв стрелец кај гостите со два гола, а Џејми Бен имаше три асистенции, па сега Далас е на една победа до пласман понатаму.

- Оглас -

Најнови вести