Ќе биде слично на божиќното шоу – Премиерлигата ќе се доигра од 8. јуни до 27. јули

Англичаните ќе ги доиграат преостанатите девет кола од Премиерлигата во термин од 8. јуни со 27. јули, објави британски „Тајмс“.

Ова е планот на Владата во координација со главните фудбалски фактори во Англија и ќе биде наскоро соопштен, објави „Тајмс“.

Ваквиот распоред значи дека за неполни 50 дена ќе треба да се одиграат девет кола во најквалитетната англиска лига и плус уште неколку заостанати натпревари.

Ако биде прифатен концептот, тогаш љубителите на англискиот фудбал ќе гледаат макси-реприза од божиќното и новогодишното фудбалско шоу што е стандардно за Англичаните, во период кога се играат неколку врзани кола за десеттина дена.

Ливерпул конечно ќе има шанса на терен да потврди дека е најдобар, што црвените од „Енфилд Роуд“ го презентираа до прекинот на сезоната и со две победи да ја осигураат првата титула, откако се игра Премиерлигата.

Со 25 бода предност најквалитетниот тим сезонава во Англија има шанса и да стаса до својата 19. титула во Англија, што ќе биде апсолутно заслужено и потврдено на терен, речиси сигурно од 8. јуни до 27. јули.

Планот го пофалија премиерлигашите кои се информирани за термините за доигрување на сезоната, а тоа ќе им дојде добро и на актуелниот шампиони на Англија, фудбалерите на Манчестер сити, кои имаат голема шанса да го елиминираат Реал Мадрид во Лигата на шамлионите.

Сити победи на првиот меч во Мадрид со 2:1, а доигрувањето на сезоната во ЛШ е предвидено за во август, месец што ќе биде резервиран само за еврокуповите. Во ЛШ се уште игра и Челзи, но лондончани имаат само теоретски шанси да ја анулираат негативата од 0:3 против Баерн, на кого ќе му бидат гости во осминафиналниот реванш.

Англија ги има и Вулверхемптон и Манчестер јунајтед како претставници во Европа Лигата, екипи што ќе имаат една недела за да се одморат од мечевите во Премиерлигата и потоа од 2. август да продолжат во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Лигата на шампионите ќе се игра од 7. август, а ќе заврши со финалето во Истанбул на 29. август. Европа Лигата ќе се доигра од 2. август до 27. истиот месец за кога е планирано финалето во Гданск.

- Оглас -

Најнови вести