Ќе биде ли Меси истиот во Барселона по се тоа што му се случи летово?

Барселона вечерва ја стартува новата авантура во шпанското првенство. Главна мисија на каталонскиот гигант ќе биде да го симне Реал Мадрид од тронот. Кралевите веќе одиграа два меча и имаат четири бода. Барселона првиот предизвик ќе го имаат на својот „Камп Ноу“, а противник е Вилјареал.

Со нов тренер и без неколку стартери од претходната сезона, Барселона ќе се обиде да се врати на победнички патеки. Роналд Куман е стратегот кој дојде и го стресе тимот. Куман се заблагодари на Артуро Видал и Луис Суарес, а на Лионел Меси му порача дека веќе нема да има никакви привилегии.

Тоа го налути Меси кој побара да си замине, а Барселона се спаси само благодарение на откупната клаузула според која тимот кој сака да го купи Аргентинецот ќе мора да плати 700 милиони евра. Меси отворено влезе во војна со челниците на клубот, па ќе биде интересно да се види дали капитенот ќе го има истиот мотив како во изминативе 16 години да ги брани боите на Барселона.

Како главно засилување е Миралем Пјанич кој дојде од Јувентус, како и враќањето на Филипе Кутињо. Сепак, според најавите Куман вечерва ќе игра со Кутињо, но без Пјаниќ во стартниот тим. Формацијата на Барселона ќе биде 4-2-3-1, а Меси ќе игра како класичен напаѓач, додека Гриезман, Кутињо и Фати треба да бидат негова поддршка. Искусниот Бускетс, заедно со талентираниот Де Јонг треба да ја контролираат средината, а во дефанзивниот ред ќе бидат Алба, Легле, Пике и Роберто.

Вилјареал повеќе од 12 години ја нема победено Барселона, а каталонците победија во шест од последните седум средби, што значи дека ако се гледа традицијата, на „Камп Ноу“ вечерва треба да биде чист „кец“.

 

- Оглас -

Најнови вести