Ќе биде решена дилемата кој против кого во осминафиналето од ЛШ

Групната фаза од Лигата на шампионите заврши, па последен дел кој треба да се заврши за 2018 година во елитната лига на УЕФА е да се дознаат двојките за осминафиналето. Денеска, точно напладне е закажана ждрепката во ЛШ. Во игра за големиот трофеј останаа 16 екипи, од кои половината веќе имале искуство со тоа како е да се крене најзначајниот клупски трофеј во Европа.

Реал Мадрид е актуелен освојувач и рекордер со 13 титули европски првак. „Кралевите“ ќе бидат во делот каде што се носителите, односно екипите кои реваншот во осминафиналето ќе го играат на свој терен против екипа која завршила на второто место во некоја од групите. Покрај Реал, во носителите се и некогашните европски владетели Баерн Минхен, Јувентус, Барселона Порто и Борусија Дортмунд, а од екипите кои го немаат овој европски трофеј се Манчестер сити и Пари Сен Жермен.

Кај неносителите има тројца поранешни европски прваци. Англиските гиганти Манчестер јунајтед и Ливерпул, како и Ајакс. Покрај нив, противникот во осминафиналето ќе го чекаат и Атлетико Мадрид, Шалке, Рома, Олимпик Лион и Тотенхем.

Според правилата на УЕФА, не може да се падне двојка на два тима од иста земја, а исто така не може да играат клубови кои биле во иста група сезонава.

Покрај формирање на осминафиналните парови во ЛШ, во 13 часот треба да започне и ждрепката за 16-финалето во Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести