Ќе има и македонски репрезентативец кој ќе биде дел од Суперлигата!?

Основачите на новата фудбалска Суперлига не се откажуваат од тоа дека се творци на позитивна револуција во најважната споредна работа на светот. Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челзи, Тотенхем, Реал Мадрид, Барселона, Атлетик Мадрид, Јувентус, Интер и Милан се во потрага по клубови со кои ќе се комплетира бројката од 20 учесници во приватната лига.

Пари Сен Жермен јавно се откажа од оваа идеја, тоа го направи и Борусија Дортмунд, а факт е дека германски екипи тешко дека ќе има,ако се знае дека 51 отсто од контролниот пакет на акции е во рацете на навивачите, а тие се против создавање ваква лига.

И Порто и Ајакс категорично одбија да бидат дел од лигата, но затоа шпекулациите се дека пет клубови се на прагот да прифатат да бидат дел од елитното приватно друштво. Од Франција се очекува да се добие согласност од Монако и Олимпик Лион, додека ПСВ Ајндховен и Феенорд треба да бидат „замената“ за откажувањето на Ајакс.

Од Италија се чека потврден одговор и од Наполи, каде што член е македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Доколку се случи Наполи да прифати да биде дел од Суперлигата, тогаш ќе биде неизвесно дали Елмас ќе добие дозвола да игра на Европското првенство, ако се знае дека УЕФА се закани дека ниту еден фудбалер член на „одметнатите“ клубови нема да има право на настап во натпреварувањата на Европската фудбалска куќа.

Првичната идеја е Суперлигата да има 20 клубови, а ако на 12-те основачи се додадат евентуалните Монако, Лион, ПСВ, Феенорд и Наполи, бројката ќе стигне до 17 клубови кои би биле дел од евентуалната историска прва сезона од новото натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести