Ќе има ли нов шампион? Лил е во иста ситуација како Атлетико Мадрид вчера

Сите 10 меча од последното коло во француското првенство се играат вечерва од 21 часот, а драма ќе има во трката за титулата, но и за опстанок. Лил и Пари Сен Жермен се двата тима кои мечтаат за тронот. Лил е во пол позиција затоа што е лидер со 80 бодови, еден повеќе од актуелниот првак ПСЖ.

Лил во клупската историја три пати бил првак, а последен пат тоа се случи пред точно 10 години. Сега Лил треба успешно да ја заврши последната мисија за да биде прогласен за првак. Лидерот гостува кај Анже, кој е сигурен дека нема да испадне, а нема ни шанса за излез во Европа. Ако Лил ги освои трите бода, трофејот ќе оди во нивните витрини. Лидерот во Франција се наоѓа во иста ситуација како Атлетико Мадрид вчера во Шпанија. Јорганџиите победија во последното коло на гости и го симнаа Реал Мадрид од тронот.

Тоа што е интересно е дека Анже успеа да го победи Лил на гости и тоа пред пет месеци, но сега влогот е многу поголем. ПСЖ ќе гостува кај Брест, тим кој уште не е сигурен дали ќе остане во лигата. Светците имаат дури осум победи по ред против овој ривал и сигурно ќе оди на нов триумф.

Постои опција Лил и ПСЖ да завршат со ист број на бодови, а тоа би било ако Лил загуби, а ПСЖ ремизира, па двата тима да завршат со 80 бодови. Во таа ситуација Лил ќе биде првак поради подобриот меѓусебен дуел.

Освен драмата за титулата, неизвесно ќе биде и кој ќе биде и третиот тим што ќе испадне, покрај Дижон и Ним. Нант е најзагрозен со 40 бодови, а не се сигурни ниту Лориен 41 бод, Брест 41, Стразбург 41, Бордо 42 и Реим со 42 бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести