Ќе има ли нова епска битка: Федерер – Надал по 40-ти пат во кариерата

Едно од најголемите ривалства во светот на спортот денеска ќе го има 40-тото издание. Роџер Федерер и Рафаел Надал ќе играат на култниот Централен терен на Вимблдон, во борба за место во финалето. Гледачите на неофицијалното светско тениско првенство цели 11 години чекаа овие двајца тенисери повторно да играат на овој гренд слем турнир.

Уште се памти и прераскажува нивната епска битка во финалето од 2008 година. Тогаш Надал поведе со 2:0 во сетови, Федерер возврати и израмни на 2:2 благодарение на подобрата игра во тајбрејкот, а петиот сет беше исцрпувачки. На крајот, Надал успеа да го добие со 9:7 и да ја освои титулата во меч кој траеше шест часа.

Досега Федерер и Надал трипати имаат играно на Вимблдон, а Швајцарецот води со 2:1. На Гренд слем турнирите ова ќе биде 14-ти нивни дуел, а секогаш тоа било во полуфиналињата и финалните средби.

„Играњето против Федерер за мене секогаш било уникатна можност. Возбуден сум што повторно, по 11 години пауза ќе играм против него на Централниот терен на Вимблдон. Ова значи многу за мене, а се надевам и за него“, рече Надал пред денешниот меч.

Федерер веќе испиша една историска страница на Вимблдон откако со пласманот во полуфиналето стигна до јубилејната 100-та победа на овој гренд слем турнир и стана првиот играч со вакво постигнување. Швајцарецот е рекордер со осум титули на Вимблдон, но сепак, кога се работи за мечевите против Надал, Шпанецот е многу подобар. Надал се има радувано на 24 победи, додека Федерер победил 15 пати.

Подобриот од ова историско полуфинале во мечот за титулата на Вимблдон ќе игра со подобриот од дуелот Ѓоковиќ – Баутиста.

 

- Оглас -

Најнови вести