Ќе има од кого да учи – Фенербахче го зеде Озил, следна цел се Станковски и Џеко

Фенербахче прави дрим-тим, во Истанбул веќе пристигна мегаѕвездата Месут Озил, а следен обид за зимски засилувања се нашиот фудбалски бисер Лука Станковски и Един Џеко.

За играчот на Работнички сериозно се заинтересирани во Истанбул, а блиску е до реализација трансферот на 18-годишниот офанзивец во редовите на најтрофејната екипа во Турција.

Фенербахче, според најавите во турските медиуми, сака да се засили и со познат и квалитетен шпиц, а се најавува и сензационален трансфер на Един Џеко од Рома.

Босанскиот репрезентативец е во конфликт со тренерот на Рома, Паоло Фонсека, и се обидува да издејствува да си замине од Рим, па Фенер чека шанса.

Ако таа комбинација не се оствари, клубот со 28 титули шампион на Турција ќе се обиде да го ангажира Келечи Ихеначо од Лестер.

Станковски, кој е младински репрезентативец на Македонија и еден од најголемите таленти, е на прагот на трансфер во Фенербахче и ако пристигне во Истанбул, ќе има од кого да учи во состав што се најавува дека ќе биде ѕвезден и главен кандидат за нова, рекордна 29-та титула во Турција.

Претходно и Елиф Елмас беше играч на Фенер, а Станковски би одел по истиот пат како нашиот сениорски репрезентативец – со трансфер од Работнички во најтрофејната турска екипа.

 

- Оглас -

Најнови вести