Ќе имаме луда вечер во ЛШ – сите калкулации за тоа кој тим како може да се најде во осминафиналето

Барселона и Лајпциг се единствените две екипи кои вечерва мирно може да играат во последното коло од Лигата на шампионите. Овие две екипи се сигурни патници во осминафиналето, а вечерва треба да се дознаат и останатите шест екипи кои ќе презимат во елитната лига на УЕФА. Калкулации има многу, желби има многу, но на крајот едни ќе се радуваат а други ќе тагуваат.

Група Е:

Ова е и групата со најлуди комбинации. Ливерпул е лидер со 10 бодови, Наполи има 9, а Салцубрг е трет со 7. Австриците на свој терен го пречекуваат европскиот првак и со победа може да го елиминираат бранителот на тронот во ЛШ. Доколку се случи Салцбург да слави против Ливерпул, а Наполи на свој терен да го победи Генк, речиси сигурно испаѓа англискиот гигант.

Салцбург на „Енфилд роуд“ загуби со 4:3, па тоа значи дека им одговара каква било победа освен да не е 5:4 или со повисок резултат. Наполи е фаворит против Генк, но ако одигра нерешено, а Салцбург освои три бода, тогаш три екипи ќе имаат по 10 бода на табелата. Во тој случај се прави круг и се гледаат меѓусебните дуели. Во таква ситуација Наполи е сигурно прв, а второто место ќе се решава во зависност од тоа со кој резултат би победил Салцбург.

Едноставно, Наполи е сигурен и со реми на свој терен, а Ливерпул во директен дуел ќе решава со Салцбург. Само ако Наполи загуби од Генк дома, може да се случи Ливерпул и Салцбург да одат понатаму.

Група Ф:

Ситуацијата во групата Ф е речиси јасна. Барселона ќе биде прва, а Интер и Борусија Дортмунд се надеваат на второто место. Интер ја има судбината во свои раце. Италијанскиот тим има подобар скор во меѓусебните дуели со Милионерите, па затоа моменто е втор, иако двете екипи имаат по 7 бодови.

Тоа значи дека ако Интер вечерва ја победи Барселона, која е без Лионел Меси и Жарарт Пике, Нераѕурите ќе бидат втори. Доколку Интер одигра нерешено или загуби, а Борусија ја победи Славија Прага, тогаш бундеслигашот ќе ѝ се приклучи на Барселона.

Група Г:

Лајпциг е сигурен во оваа група, а Зенит го има адутот за второто место. Рускиот тим гостува кај Бенфика и со евентуална победа, сигурно ќе биде во нокаут-фазата затоа што во меѓусебните дуели е подобар од Лион. Францускиот тим треба да чека Зенит да киксира во Португалија и со евентуална победа над Лајпциг на свој терен, да стигне до второто место. Лион и со реми може да биде втор, но само ако Зенит загуби од Бенфика.

Група Х:

Ајакс, Валенсија и Челзи се борат за двете места. Холандскиот гигант има 10, а останатите два тима по 8 бода. Ајакс дома игра против Валенсија и ако не загуби, ќе биде во осминафиналето. Челзи сам си решава бидејќи со триумф на „Стемфорд бриџ“ против отпишаниот Лил ќе се радува на место меѓу најдобрите 16 во Европа.

Валенсија има шанси ако победи во Амстердам или пак ако освои бод, а и Челзи не го победи Лил.

Калкулации има многу, а сѐ ќе се знае вечерва околу 23 часот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести