Ќе одговори ли Тајсон на провокацијата? Ако го предизвикам, ќе помислите дека сум насилник

Евандер Холифилд и Мајк Тајсон ја воодушевија јавноста со своите телесни трансформации иако и двајцата се влезени во шестата деценија од животот. Челичниот Мајк дури планира да се врати во рингот и да настапи во хуманитарна борба до три рунди за да може да собере средства кои би помогнале во борбата против ковид-19, а нормално дека сите љубители на боксот би сакале уште еднаш да ги видат Холифилд и Тајсон еден против друг во рингот.

Иако на Тајсон не му е во план да се бори против Евандер, од кого загуби во два наврати кон крајот на минатиот век, Холифилд упати провокација до некогашниот светски првак во тешка категорија.

„Возможно е да се бориме ако тој сака. Ако го прашам јас дали сака да се бориме, ќе помислите дека сум насилник бидејќи двапати веќе го победив. Не би сакал да му наметнам притисок затоа што знам дека можам пак да славам против него. Ако ме удри, ќе му вратам, тоа е суштината на боксот“, истакна Холифилд.

Тајсон последен пат во ринг се појави пред 15 години, кога го победи Кевин Мекбрајд, додека Холифилд во 2014 година се повлече.

- Оглас -

Најнови вести