Главниот преговарач на колумбиската влада, Оти Патино, изјави дека очекува герилците на Националната ослободителна армија (ЕЛН) во наредните часови да го ослободат таткото на фудбалерот на Ливерпул, Луис Дијас, кого го киднапираа на 28 октомври.
„Тој мора да биде пуштен денеска бидејќи е отстранета последната препрека за тоа, разместувањето на војниците. Повеќе нема изговори, се надеваме дека денеска ќе го ослободат“, изјави Патино.
Таткото и мајката на Дијас на 28 октомври беа киднапирани од герилците на ЕЛН на бензиска пумпа во градот Баранкас. Мајката на фудбалерот е ослободена неколку часа по киднапирањето, додека повеќе од 200 колумбиски полицајци и војници ја продолжија потрагата по таткото на Дијас.
ЕЛН пред неколку дена изјави дека присуството на колумбиската војска е грешка, по што шефот на вооружените сили за борба против киднапирања, полковникот Џовани Монтанес, вчера изјави дека војниците се преместени за да се забрза ослободувањето на таткото на Дијас.