Кикс на Реал, тежок дебакл претрпе Барди со Леванте

Реал Мадрид одигра реми без голови на гостувањето кај Хетафе со кое Зинедин Зидан може да биде задоволен бидејќи домаќините повеќепати се закануваа да направат сензација на „Алфонсо Перес“.

Зидан со комбиниран состав ја бараше победата, меѓутоа штедењето на Бензема, кој сепак играше околу половина час, како и одморањето на Крос си го направија своето, па овој кикс може доста да им наштети на Кралевите во обидот да ја одбранат титулата во Ла Лига.

Реал засега останува на второто место со 67 бода по 31 натпревар, три помалку од лидерот Атлетико, додека Барселона заостанува два бода и има натпревар помалку, па доколку Каталонците триумфираа на 22 април токму против Хетафе, ќе го преземат второто место.

Во меѓувреме, Енис Барди со својот Леванте претрпе дебакл на домашен терен со 1-5 од Вилјареал. Домаќините си дадоа два автогола преку Постиго и Везо, а Чуквуезе како двоен стрелец и Морено го растурија тимот на нашата македонска ѕвезда.

Претходно Бетис и Валенсија ремизираа при конечни 2-2, без голови одиграа Кадис и Селта Виго.

- Оглас -

Најнови вести