Кирил Лазаров испишува историја, го игра 17-тото четвртфинале во Лигата на шампионите

Македонската ракометна легенда и актуелен селектор на националниот тим, Кирил Лазаров, вечерва ќе го одигра своето 17-то четвртфинале во Лигата на шампионите, со што е рекордер во европскиот ракомет.

Човекот е роден победник, уште во 1995 година дебитираше во ЛШ, има неверојатни 16 четвртфиналиња зад себе, денеска ќе го игра и 17-тото, а сега е член на Нант и има тешка задача против Веспрем на Дејан Манасков, да се избори за пласман на фајнал-форот. Лазаров во минатото го носеше дресот и на Веспрем со кого најчесто играше четвртфиналиња, а ова му е трето со Нант.

Лазаров е и прв стрелец во историјата на ЛШ со речиси 1.500 голови, бројка која сигурно ќе ја надмине, ако не до крајот на оваа, тогаш сигурно во следната сезона за кога најави дека ќе продолжи да игра.

„Веруваме дека можеме да го елиминираме Веспрем. Вакви мечеви не се играат секој ден, треба да уживаме и да му покажеме на Веспрем дека сакаме да го победиме. Физички и ментално сме добро подготвени, имаме самодоверба. Веспрем е под поголем притисок од нас, неколку години чекаат европска титула, ги имаат некои од најдобрите играчи на светот. Мислам дека не сме аутсајдери, победивме кај Кил, Кјелце и Париз. Сонуваме второ учество на фајнал-форите“ – изјави Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести