Легендата на светскиот фудбал, Германецот Јирген Клинсман, го советуваше англискиот селектор Герет Саутгејт да го промени системот на игра за претстојното четвртфинале на ЕП 2024 против Швајцарија.
Според него, Англија треба да има двајца централни напаѓачи, не само еден како досега.
„Можеби е време Англија да проба нешто ново на ова Европско првенство. Ќе биде добро ако избере систем 4-4-2, со Иван Тони и Хари Кејн во нападот. Мислам дека тоа може да функционира. Иван е закана за противниците во воздушните дуели, тој може да донесе поинаква динамика во тимот. За вистинска деветка како Кејн, таквото партнерство ќе биде од голема корист.
Во оваа фаза од турнирот, тренерот мора да има доверба во својата интуиција и да го бара изненадувањето. Четвртфинале е решавачки момент на турнирот. Ако победиш, влегуваш во првите четири и сите ќе те почитуваат. Поразот во оваа фаза е неприфатлив за тимови како Англија, Германија, Франција и Шпанија“, изјави поранешниот репрезентативец и селектор на Германија.