Кливленд кавалирс и Реал Мадрид страдаат од ист проблем

Летоска, само за десет дена две огромни спортски ѕвезди ги сменија своите клубови, Леброн Џејмс од Кливленд кавалирс се пресели во Лос Анџелес лејкерс, а Кристијано Роналдо од Реал Мадрид замина во Јувентус, па нивните екс клубови сезонава се во незавидна ситуација.

Реал и Кливленд не го направија тоа што мораше. Не смееја да жалат пари за да донесат играч кој е екстра квалитетен и гладен за победи.

Кавалирс е далеку од плејофот во НБА-лигата, исто како во сезоната кога Џејмс првпат си замина, тогаш во Мајами хит. Со тоа од тим кој дојде до големото финале на НБА во минатата сезона, „коњаниците“ преку ноќ станаа потпросечен тим само затоа што останаа без лидерот. Клубот не купи некоја ѕвезда за да го засили составот, па сега ќе се надеваат дека ќе бидат најслаби во лигата и ќе имаат најголеми шанси да го земат првиот пик на наредниот драфт.

За разлика од Кавалирс, фудбалскиот клуб Реал Мадрид не е навикнат да губи толку многу натпревари како сезонава, но слабите резултати, неефикасноста и намалената посета на неговите домашни мечеви се последиците од заминувањето на Роналдо. Португалецот девет години решаваше мечеви, го преземаше товарот на свој грб.

Од Реал си замина и авторитетниот тренер Зинедин Зидан, кој почувствува дека треба да го напушти тимот кој е физички и психички потрошен, а како капак на тоа, главните играчи често му се повредуваат. На Реал му треба свежа крв и нов лидер. Веруваа во силен тимски дух, но и тоа го нема. „Стариот и себичен“ Роналдо се покажува како незаменлив. Реал многу тешко дава голови без Кристијано. Клубот не донесе замена која ќе прави разлика на теренот и сега тимот страда.

- Оглас -

Најнови вести