Клоп даде изјава која ги шокираше навивачите на Ливерпул

„Енфилд роуд“ речиси четири години беше неосвоива тврдина за ривалите во Премиер лигата, кога пред две недели, неочекувано, Барнли славеше со 1:0. Дека чудото на Барнли не е случајно, се потврди и синоќа, кога со трите бода од  Ливерпул си замина и Брајтон, победувајќи исто така минимално со 1:0.

Ова беше трет меч во низа на кој Ливерпул дома не постигнува погодок во првенството, нешто што не им се случило од 1984 година. Моментно низата на Ливерпул без погодок на „Енфилд роуд“ им е 348 минути. Тренерот Јирген Клоп вели дека неговиот тим нема да се откаже од трката за титулата, но додаде дека моментно овој негов тим нема сили за такво нешто.

„Да го стигнеме Сити? Јас како тренер на Ливерпул секогаш ќе велам дека сакаме да сме шампиони и тоа е така, но потребно е да бидеме на ниво на кое сега не сме. Едноставно, го немаме тоа вистинското“, рече Клоп пред следниот меч на Ливерпул, и тоа токму против Манчестер сити на „Енфилд роуд“.

За Брајтон ова беше прва победа над Ливерпул по пауза од 39 години, а Клоп вели дека гостите заслужено ги освоиле трите бода.

„Брајтон навистина заслужи да победи на овој натпревар. Делуваа многу посвежо од нас, а ние многу лесно губевме топки. Најлесен начин да се браниш против Брајтон е да ја имаш топката во своја контрола, но ние тоа не го правевме вечерва“, анализираше Клоп по синоќешниот дуел.

По овој пораз, Ливерпул остана на 40 бодови, дури седум помалку од лидерот Манчестер сити, а Граѓаните имаат и меч плус за доигрување. Дуелот на двата последни шампиони во Англија ќе се игра на 7 февруари во Ливерпул.

 

- Оглас -

Најнови вести