Клоп: Научив да готвам кајгана, следен предизвик ми е врзам кравата

Да беше сè во нормала, односно да не се случеше пандемијата со Корона-вирусот, Јирген Клоп во овој период ќе му се радуваше на титулата во Премиер лигата. Неговиот Ливерпул беше на чекор од осигурување на шампионскиот трофеј во Премиер лигата, но фудбалот како и останатите спортови приморано се во застој.

Отприлика сите сме речиси еден месец во своите домови, во изолација, избегнуваме контакт со луѓе како мерка против ширење на опасниот вирус, а седењето дома е шанса да се работи на себе. Токму тоа прави Германецот, како што кажа на видеото подолу, Јирген научи да зготви кајгана, да управува со машината за перење садови, но си постави нов предизвик.

„Моментално не се случуваат многу убави работи, но исклучок е усовршувањето на себе. На пример, научив да готвам кајгана, претходно сум немал прилика за такво нешто, и можам да кажам дека сум пријатно изненаден. Управувам со машината за перење садови, сега јас сум владетел на таа машина. Предизвик за следната недела ќе ми биде да научам за заврзам кравата. Имам 52 години и никогаш не ми паднало на памет тоа да научам“, изјави Клоп во интервјуто за Ливерпул ТВ.

Меѓу другото, германскиот стратег ужива во гледање филмови, омилен жанр му е комедија, но истакна дека не бил добро друштво за филм бидејќи со неговото заразно и гласно смеење често ги нервирал сите околу него.

- Оглас -

Најнови вести