Клоп во Лигата на шампионите навива за Баерн и Манчестер сити

Германскиот стручњак кој во минатата сезона на Ливерпул му донесе европска титула, а сезонава титула во Премиерлигата, Јирген Клоп, прогнозира дека главни кандидати за трофејот во Лигата на шампионите се Баерн Минхен и Манчестер сити.

„За мене, главни фаворити се Баерн и Сити. Би било интересно финале ако играат едни против други. На сите им треба и среќа за да го освојат трофејот, но мора да имате и најдобро подготвени играчи. Не велам дека другите немаат шанса, но Баерн и Сити имаат поголеми шанси според мене. Не постои перфектен тим во светот, сите имаат маани, ќе биде многу интересна завршницата, жалам што Ливерпул нема да игра“ – изјави Клоп.

Баерн кој му беше ривал во Германија и Манчестер сити со кого Клоп се бори во Англија, допрва треба да обезбедат билет за завршницата во Лисабон. Во осминафиналето, баварците треба да ја довршат работата против Челзи кого во Лондон го совладаа со 3-0, а Граѓаните славеа во Мадрид со 2-1 против Реал и имаат одлична прилика да го елиминираат најтрофејниот клуб.

Завршницата на ЛШ треба да се игра за 16 дена, период во кој во Лисабон ќе се играат четвртфиналињата, полуфиналињата и финалето, а можеби и реваншите од осминафиналната фаза.

- Оглас -

Најнови вести