Клуб од Бундеслигата потроши најмногу пари во зимскиот преоден рок

Најбогатите клубови во Европа мируваа и „го преспаа“ зимскиот преоден рок. Не се случи ниту еден сензационален трансфер, а големите клубови кои ќе атакуваат на титулите во домашните првенства, како и на титулата во Лигата на шампионите, решија да не трошат многу пари.

Затоа по малку неочекувано делува фактот дека клубот кој потрошил најмногу пари во јануарскиот преоден рок, доаѓа од Германија. Бундеслигашот Херта е рекордерот со потрошени 78 милиони евра за доведување нови играчи. Во тимот од главниот град на Германија пристигнаа: Пјонтек од Милан (27 милиони евра), Тусарт од Лион (25 милиони евра), Куња од Лајпциг (15 милиони евра) и Аскасибар од Штутгарт (11 милиони евра).

Следен на листата е Наполи. Тимот од југот на Италија потроши 65,5 милиони евра за доведување на Лоботка, Деме и Политано. Монако вложи 65 милиони евра, и тоа најголемиот дел за талентирани играчи кои допрва треба да се докажат. Четврти е Манчестер јунајтед со 55 милиони евра, и тоа потрошени само на еден играч. На „Олд Трафорд“ пристигна Бруно Фернандеш, што воедно е и најголем трансфер во овој преоден рок. Во Манчестер дојде и напаѓачот Игало, но тој е како позајмен играч од Кина.

Еспањол, кој е последен во шпанската Примера, е на петото место со дадени 40,5 милиони евра за засилувања, кои треба да го спасат тимот од Барселона да не испадне од елитата.

 

- Оглас -

Најнови вести